Македонската жена на браникот на татковината- За заедничка Македонија (ФОТО)

Ниту дождот, ниту празникот – нејзиниот празник, празникот на жената 8-ми Март не ја спречи да биде во првите редови. Да ја предводи колоната на своите сограѓани, сожители, сестри и браќа… Колоната составена од реки народ што се собрал да го изрази својот револт, да го искаже својот непокор,  да ја покаже својата љубов и оданост кон татковината, кон мајката земја Македонија.

Македонската жена на браникот на татковината… И додека некои ги полнеа кафеаните и рестораните, таа ги полнеше улиците и плоштадите во речиси секој  македонски град, во секое поголемо населено место.

Наместо подарениот цвет од детето, сопругот, момчето, колегите… да го однесе дома, таа го понесе со себе за да го сподели со своите сограѓани, со народот, за да и го подари на нашата заедничка мајка – Македонија, искажувајќи го своето чувство на гордост, на заедништво, на припадност, на посветеност,  кон единствената родина.

Наместо китка во дневната соба или работното место, македонската жена со букет од црвено-жолти цветови го закити Македонското собрание, како симбол на македонската државност, независност, суверенитет, симбол на заедничка, унитарна Македонија!  А и цвеќето во нејзините раце залеано од пролетниот дождец поубаво мириса, кога е дар за заедничка Македонија!