Македонската храна е скриено богатство, велат странците

Веганска, безглутенска храна, лесна за подготовка и супер здрава. Описот не се однесува на некој скап специјалитет туку на македонското тавче гравче. Се служи топли и со салата од зелка, пишува Лишаи Кауфер ПР косултант за храна и пијалоци, на агрегаторот за вести Хафингтон Пост.

Во текстот со наслов македонската храна е скриено богатство и заслужува поголемо внимание, Кауфер освен за тавче гравче, пишува и за зелникот, го опишува како парче од рајот, потоа за сарма, пестрмајлија, полнета охридска пастрмка, тулумба и неизбежната ракија. За неа македонската храна разговара со вашиот стомак и е песна за вашата душа.

– Велика Британија е преполна со кулинарски задоволства од целиот свет, но ако ги прашате луѓето на улица што би ви понудиле за вечера, најверојатно ќе добиете тестенини, пица, хамбургер или кари. На дланка имаме неверојатни странски кујни. За жал, не сме слушнале за нив. Јас сум во мисија да истакнам некои од моите омилени во светски рамки, а ќе почнам со помалку познатата Македонија, истакнува Кауфер.

Македонската храна е под влијание на Медитеранот и Блискиот Исток, изобилува со вкусови и разновидност. Рецептите се подготвувани на ист начин со векови, пренесувани од колено на колено преку старите обичаи и тајни кои денес се лесно и веднаш достапни, пишува Кауфер.

Претходно, македонското вино беше интересно за специјализираните портали. „Вајнпер“, порталот посветен на виното и винската култура во септемрви објави текст во кој стоеше заборавете ја Франција, Македонија е една од седумте земји во светот од кои задолжително треба да се проба вино.