Македонската филхармонија пo 73 години добива нова концертна сала по сите светски стандарди

Нова концертна сала по сите светски стандардри добива Македонската филхармонија.

Не постои поголема гордост од онаа да бидеш дел од создавањето на една вредност која ќе биде запишана во македонската историја, да бидеш дел од создавањето на еден нов дом, дом за македонските уметници во кој на еден достоинствен начин ќе се презентираат моќните креативни потенцијали на нашите музичари но, и ќе се претстави најдоброто од светот, напиша на својот фејсбук профил Елизабета Канческа Милесвска...

- Чест ми е што деновиве имам можност да присуствувам на генералните проби за големото, свечено отворање на новата сала за Македонската филхармонија со која оддаваме почит и внимание на сите доајени, на сите актуелни музичари кои целиот свој професионален ангажман, целата својата љубов, посветеност и ентузијазам го вложија и го вложуваат во градењето на достоинството на македонската култура. Ова е уште еден завршен капитален проект од програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, проект кој има исклучително значење за македонската култура и за нашата држава воопшто, пишува Канческа Милевска.

Новиот објект на Македонската филхармонија се протега на површина од 12.400 метри квадратни и истиот има модерен изглед и архитектонски и акустични карактеристики по сите светски стандарди. Објектот располага со две сали, голема сала со капацитет 1.000 места и мала, повеќенаменска сала со капацитет од 310 места.

Големата сала располага со најсовремени сценско технолошки системи што објектот го позиционираат во врвот на објектите од овој тип.

Свеченото отворање на новата концертна сала е во недела (21 мај) со ексклузивен концерт на Македонската филхармонија, со која како солист ќе настапи нашиот светски етаблиран пијанист Симон Трпчески под диригентско водство на еден од водечките диригенти на сите времиња, маестро Владимир Ашкенази.