Македонска и бивша ЈУ музика само на свадби

Свадбите и приватните забави во Македонија се единствените места каде што може да се слуша македонска и музика од бившите ЈУ-простори, откако ЗАМП и други вакви организации од регионот го забранија емитувањето на својот репертоар. Приватните забави никој не ги мониторира, па на нив освен изведбата во живо, диџеи може да пуштаат македонски и ЈУ-песни колку што сакаат.

Како што пишува Вест, под надзор на независната мониторинг агенција којашто ја има ангажирано ЗАМП се само радијата и телевизиите кои во моментот мака мачат да ја пополнат програмата, поради што им се намалува и гледаноста и слушаноста. Место да емитуваат македонска музика или закупени шоуа, поради забраната сe почесто на телевизиите програмата се пополнува со турски серии. Некои од нив најавуваат и тужби против ЗАМП поради претрпени штети. 

"По прашање на гледаноста не можам да зборувам во име на другите телевизии, но гледаноста во сабота и недела е намалена поради неемитување на музичките шоу-програми кои ги обезбедивме од српскиот продуцент. Поради тоа изгубивме и неколку спонзори за што наредната недела ќе покренеме тужби за надомест на штета, посебно што одлуката македонското и на некои балкански здруженија за колективно управување на музички права се тотално бесправни и ирационални", ни изјави вчера Иван С. Мирчевски, генерален менаџер на "Канал 5" телевизија и претседател на Македонската медиумска асоцијација (ММА) чии членови се "Телма", "Алсат-М", "Алфа", "Сител" и "Канал 5". 

Дел од сопствениците на радијата пак објаснуваат дека со забраната за емитување на македонска и музика од земјите од поранешна Југославија навлекле повеќе слушатели бидејќи ја разбиле монотонијата на програмата и им олесниле на слушателите од наметната обврска за пуштање на 50 отсто македонска музика.

Од ЗАМП велат дека ја продолжуваат својата борба со државата која според организацијата дозволи формирање на уште едно здружение со чиј тарифник се уриваат надоместоците за авторите и се обезвреднуваат нивните дела.

"Веќе е одржана една средба со владини претставници за која не би можеле да споделиме информации со јавноста. Ни беше најавено дека ќе бидеме повикани на уште еден состанок, но за жал, досега не нe повикаа", ни рекоа вчера од ЗАМП.
Според ЗАМП од досегашниот мониторинг на независната агенција околу 90 отсто од радиодифузерите ги почитуваат одлуките за забрана, а 10 отсто не се придржуваат на нив и пуштаат музика којашто не е дозволена.
 

Сакаме авторите да ги плаќаме преку компјутерска евиденција

Телевизиите и радијата од регионот наскоро ќе почнат иницијатива за промена на начинот на наплата за надоместокот за музичките дела. Преку кампања "Европо разбуди се" раководствата на ТВ-станиците и радијата ќе бараат во Европа да се прави наплата како во САД, преку компјутерска евиденција според емитувањата.