МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА: Kонцерт „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените

Македонската филхармонија на 14 февруари по повод Денот на вљубените во 20 часот во Македонската опера и балет ќе одржи концерт насловен „Париз те сакам“. Ќе бидат изведени популарни француски шансони кои ги испеале Едит Пјаф, Ив Монтан, Жо Дасин, Мишел Легранд...

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, денеска на прес-конференција рече дека на концертот како вокалист ќе настапи популарната унгарска пејачка Миртил, диригент е Борјан Цанев, оркестрациите се на Емин Џијан, режијата е на Дејан Прошев, а на сцената поезија од францускиот поет Жак Превер ќе чита актерот Васил Зафирчев.

- Миртил е многу позната во Европа и во светот, многу е интересна како вокал и начинот на кој интерпретира. Мислам дека прекрасно ќе се вклопи заедно со оркестарот во интерпретација на француската музика - истакна Чанаќевиќ.

Таа посочи дека годинава ја почнале со спектакуларен божиќен концерт во Македонската опера и балет на кој настапил светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин.

- Тој беше пресреќен што по неколку години повторно е во Македонија. Таа соработка ќе ја продолжиме и во иднина бидејќи се работи за звучно име на полето на класичната музика. Соработката со него е многу значајна не само за нашиот оркестар, туку и за промоција на нашата држава и македонската култура - рече Чанаќевиќ.

Укажа на нивната тенденција како институција да носат врвни музички имиња и диригенти од целиот свет и да претставуваат музички композиции кои првпат ќе бидат изведени во Македонија или, пак, композиции кои се комплексни за изведба и не може често да бидат на репертоарот на еден симфониски оркестар.