Македонија увезла над седум милиони тони отпад од Бугарија

Во земјата се увезува многу повеќе отпад отколку што сами произведуваме. Податоците до кои дојде Радиото Слободна Европа покажуваат дека најмногу отпад се увезува од Бугарија. Властите тврдат дека отпадот што се увезува служи само како суровина, како што предвидува и законот. Активистите од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ бараат да се забрани увоз на отпад како извор на енергија, откако темата повторно се актуализираше по аферата во Бугарија во која, наводно, е вмешан и доскорешниот прв човек на Дрисла.

За две години во земјава бил увезен над десет пати повеќе отпад од вкупната количина која граѓаните ја создаваат во текот на една година и неколкукратно повеќе од она што годишно го создава домашната индустрија во последните години.

Според статистички податоци кои ги побара Радио Слободна Европа, од 2012 до 2014 година во земјава биле увезени над осум милиони и 200 илјади тони отпад, што е значително повеќе во однос на увезените количини во претходните години и годините потоа. Истовремено податоците покажуваат дека земјата во просек годишно произведува од 700 до 800 тони комунален отпад, а на пример во 2016-та компаниите во земјава создале помалку од два милиони тони индустриски отпад.

Од вкупно 8.209.733 тони отпад кои во 2014 година влегле во земјава од странство, најмногу е увезено од соседна Бугарија, над седум милиони и 400 илајди тони (7.402.061), а во истиот период биле увезени и повеќе од 490.000 тони отпад од Србија и над 250.000 тони од Обединетите Арапски Емирати, покажуваат документите кои ги доби РСЕ од Државниот завод за статистика.

Останатиот дел од отпадот земјата во тој период го увезла од Турција - над 32 илјади тони, а помали количини се увезени од други земји од Европската унија како Франција, Германија, Грција, Шпанија, Италија, но и од Швајцарија и од други држави.

Целата анализа може да ја прочитате тука