Македонија станува двојазична држава!

Со 66 гласа „за“ и 41 „против“ Собранието го усвои заклучокот за законот за јазиците, односно одлучи дека има потреба од ваков закон.

По барање на Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието даде пауза од половина час. Димовски побара листа од гласањето за тоа кој пратеник како гласал.

Законот за употреба на јазиците, влезе во втора фаза и пратениците ќе можат да поднесуваат амандмани по текстот. По изјаснувањето, следува амандманска расправа во Комисијата за европски прашања бидејќи законот има европско знаменце. Расправата во Комисијата може да трае три дена, по што законот се враќа на пленарна седница пред пратениците во Собранието.

Инаку, според предлогот, законот предвидува, покрај македонскиот јазик, кој е службен на целата територија на државата, службен е и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Во сите органи на државната власт – централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации, комисии, службен јазик, покрај македонскиот, ќе биде и албанскиот. Истото важи и за единиците на локалната самоуправа.

Доколку претседателот на Собранието е Албанец, пленарната седница ќе може да ја води и на албански јазик. Личните документи и патните исправи на граѓаните по автоматизам ќе бидат издавани на службениот јазик што го зборува граѓанинот. Во судските постапки јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции, покрај македонскиот, ќе се применува и албанскиот јазик.

За двојазичните банкноти, амблеми на војската и хартиите од вредност ќе решава Венециската комисија и доколку таа позитивно се произнесе, тие дополнително ќе бидат вградени. Во општините каде што Албанците се над 20 отсто, униформите на полицијата, пожарникарите и здравствoто ќе бидат и на албански, а на банкнотите ќе има културни елементи на Албанците, но не и текст на албански јазик.

Според предлогот, за спроведување на законот ќе бидат издвоени дополнителни средства од буџетот на Република Македонија поврзани со основањето агенција за примена на јазикот.