Македонија, сепак, ќе учествува на „Евровизија 2018“

Македонија ќе учествува на изборот за песна на „Евровизија“ следната година, откако МРТ и Португалската радио-телевизија постигнале договор, објави „Мета.мк“.

На официјалната веб-страница на „Евровизија“, Македонија сега стои како една од 43 земји учеснички. Минатата недела, под листата пишуваше дека промената од изборот во 2017 година е што Русија повторно ќе учествува, а Македонија нема.

Сега на веб-страницата пишува дека земјите учеснички требало до средината на септември оваа година формално да ги поднесат нивните апликации за да бидат дел од „Евровизија 2018“.

„Конечната листа на земји учеснички беше објавена на 7 ноември, но беше променета 10 дена подоцна кога беше додадена Македонија“, пишува на официјалната веб-страница на „Евровизија“.

ЕБУ претходно соопшти дека „Македонската радио-телевизија“ моментално е оневозможена да учествува на изборот за песна „Евровизија 2018“ поради санкција за неплатен долг.

МРТ по ова испрати соопштение во кое ги наведе своите долгови кон различни доверители, кои изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од долгот на Управата за јавни приходи (УЈП) кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.

Двете полуфинални вечери на натпреварот се закажани на 8 и 10 мај во Лисабон, Португалија, а големото финале ќе се случи на 12 мај.