Македонија се подготвува за климатските промени

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска, во просториите на Македонската Академија на науки и уметности (МАНУ), одржа работилница за климатски промени на која беа презентирани резултатите од најновите анализи и препораки поврзани со оваа проблематика во државата.

Широк тим на стручни лица анализираше 46 мерки од секторите енергетика, земјоделство, шумарство и користење на земјиштето и отпадот при што  изготви три сценарија со кои може да се постигне намалување на емисиите на стакленички гасови до 37 отсто во 2035 наместо, во споредба со референтното сценарио, истите да се зголемат за 49 отсто. Се предвидува дека до 2035 година во државата може да отворат повеќе од 6.200 нови зелени работни места како резултат на реализација на мерките за енергетска ефикасност во згради и нискојаглеродно снабдување со енергија (обновливи извори и гас).

Во пресрет на сегашните и скорешните обврски кои државата ги има кон UNFCCC и кон Европската Унија, потребно е државата да ги засили своите напори кон воспоставување на соодветен систем за следење, известување и верификација  на активностите за ублажување на климатските промени во државата. Со ваквиот пристап  Македонија е подготвена да се справи со предизвиците кои ги носат климатските промени. Министерството за животна средина дополнително ќе вложи напори на иновативен начин и преку разни информативни алатки да ги доближи анализите, резултатите и препораките  до носителите на одлуки и до граѓаните.