Пешаци и велосипедисти ќе го одбележат „Националниот ден на немање безбедна патека при градба“

Група пешаци и велосипедисти во координација на здружението „На Точак“ утре попладне во периодот од 17-18 часот ќе одржат едночасовна акција на крстосницата на булевар Партизански Одреди со булевар 8-ми септември (на аголот кај ГУЦ „Здравко Цветковски“).

„Мотивот за акцијата, саркастично насловена ‘Национален ден на немање безбедна патека при градба’, е долгогодишниот и репетитивен проблем на необезбедување на алтернативни премини за корисниците на пешачките и велосипедските патеки при изведување на градежни работи. Честопати при градежните интервенции се случува овие патеки да се блокираат целосно и во времетраење од неколку месеци, без притоа да се обезбеди алтернатива за движење во тој дел на патеките. Ваквата ситуација ги принудува овие категории на учесници во сообраќајот да се изложат на опасна ситуација на движење по коловозот заедно со автомобилите, со ризик да се повредат од рабникот на тротоарите при симнување и повторно качување на истиот (доколку се движат со помош на тркала – велосипеди, инвалидски, бебешки колички итн.) или пак да бидат удрени од моторно возило кое се движи во крајната лента. Во моментов има повеќе вакви блокирања на патеките во Скопје кои претставуваат сериозно загрозување на животите на пешаците и велосипедистите, а едно е токму на локацијата на акцијата“, велат организаторите.

Тие напоменуваат дека нашата држава нема регулатива (правилници) за тоа како се обезбедуваат, пренасочуваат и означуваат пешачките и велосипедските патеки кога се зафатени со градежни работи, сеедно дали се работи заради изградба на објекти, заради промена на инсталации или заради дефект.

„Со цел да се покрене свеста за овој проблем, но и да се повикаат одговорните за обезбедување на алтернативни премини секогаш кога пешачките и велосипедските патеки се блокираат при изведување на градежни работи, учесниците на акцијата ќе направат жив штит кај крстосницата кај ГУЦ ‘Здравко Цветковски’ каде моментално се изведува градежен зафат за да овозможат барем на еден час безбеден премин за овие учесници во сообраќајот преку критичната точка со создавање на алтернативна патека на дел од коловозот“, се вели во најавата за акцијата.