Македонија годинава ќе добие уште 80 километри гасовод

Со околу 40 милини евра буџетски пари во Македонија годинава ќе бидат изградени 80 километри гасовод, што е најмногу до сега.

– Гасификацијата е врвен приоритет на оваа влада. Очекуваме до 2020 да се направи делницата која оди од Неоготино, преку Прилеп до Битола, како и делницата Скопје -Тетово -Гостивар, која очекуваме да биде готова до крајот на 2019 година. Во буџетот на Република Макеоднија се обезбедени 80 милиони евра за гасоводната мрежа и очекувам дека со едно силно и посветено темпо роковите што ги имаме согласно со договорите ќе бидат испочитувани и за многу брз временски приод гасификацијата ќе стигне до сите општини во Република Македонија. Исто така, очекувам да бидат распишани јавни повици за интернконекицска врска и со Грција и Бугарија, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по вчерашната средба со Благојче Котевски, директор на Македонски енергетски ресурси (МЕР), која раобти на проектот за национална гасификација на Макеоднија.

Котевски потенцира дека овие активности ги следат голем број проблеми со експропријација на земјиштето низ кое минува трасата на гасоводот. Тој појасни дека бројот на предмети за експропријација е огромен, но полека се решаваат, а како што информира, најважно е тоа што се обезбедени средства за обесштетување на сопствениците на парцелите и тоа вкупно пет милиони евра, од кои четири за делот од Скопје до Гостивар со крак кон Тетово, а еден милион за делницата од Неготино до Битола. Се планира сега да се реши експропријацијата, за да може градежната сезона наредната година да почне без проблеми и наредните 80 километри гасовод да се завршат и гасификацијата да стигне до крајните точки Битола и Гостивар.

Котевски очекува паралено со изградбата што ќе ја врши МЕР и општините да работат на дистрибутивната мрежа, па се очекува за две години првите потрошувачи да добијат гас од националната мрежа, односно од цевка.

– Ќе се исконтактираат градоначалниците на сите општини низ кои минува националната траса, ќе ги интензивираме односите и ќе и помогнеме на секоја општина да ги почне процесите за гасификација, рече Котевски и појасни дека со новиот Закон за енергетика на општините им се даваат три можности – за изградба налокалната дистрибутивна мрежа да формираат јавно претпријатие, да влезат во јавно-приватно партнерство или да ангажираат приватна компанија.

Инаку, МЕР моментално работи на три градилишта – од блок станица Штип до Неготино, каде работите треба да завршат за три до четири месеци, со тоа што рокот е продолжен поради проблеми со експропријацијата, како и на трасите од Неготино до Битола и од Скопје кон Гостивар со крак за Тетово.

– Планираме на почетокот на оваа година да извршиме и заполнување на веќе изградениот цевовод, со тоа што ќе овозможиме не само конзервирање, туку и цевководот да стане гасовод и да можеме да вршиме дистрибуција. Оваа година исто така планираме да приклучиме некои од поголемите потрошувачи, но за тоа ќе видиме како ќе одат преговорите со нив, вели директорот на МЕР и појаснува дека ќе се полнат цевоводите од Клечовце до Блок станица 5 и до Неготино, зашто претходно ќе мора да се направат техничките испитувања за да се провери квалитетот и исправноста на она што е изградено под земја.

Инаку, гасоводот ќе го градат македонски фирми. Според потпишаните договори, кои се обврзувачки, во изградбата се вклучени поголем број компании поврзани во конзорциум. Изведувач на делот од Штип до Неготино и од Скопје кон Гостивар со крак кон Тетово е Рапид билд со конзорциумот, а делот од Неготино кон Битола го гради Гранит.