Македонија бележи позитивни резултати во однос на привлекувањето странски туристи

Македонија бележи позитивни резултати во однос на привлекувањето странски туристи. Забележителен пораст на бројот на странци што престојувале во земјава има во периодот од 2006 до 2016 година, кога нивниот број се зголемил од 202.000 на над 510.000, или повеќе од двапати. Иако има забележителен пораст на бројот и на домашни и на странски посетители во домашните туристички центри во изминатиов период, што најмногу се должи на субвенционираните авионски летови и туристички аранжмани за странските гости, Македонија сѐ уште не може да ги достигне рекордните милион туристи годишно, кои беа редовна слика во земјава во осумдесеттите години од минатиот век.

Меѓу главните причини за тоа што недостига поголем туристички бум во земјава и надминување на рекордите во посетеност е што нашата земја е постојано изложена на политичко-безбедносни закани што во поголема или помала мера влијаат врз расудувањето на потенцијалните посетители од странство на кои безбедноста при престојот им е од првостепено значење. 

И за претстојната летна сезона туристичките работници очекуваат голем наплив на туристи од Европа и од Русија во Македонија.

Оваа година Македонија може да има 20 отсто пораст на туризмот и достигнување на бројката од еден милиони туристи, но треба да се направат напори, објаснува претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-декември 2016 година вкупниот број на туристи изнесувал 856.843, што претставува зголемување од 5 отсто во споредба со 2015 година. Бројот на домашните туристи е 346.359, односно има зголемување за 4,8 отсто, а бројот на странските туристи е 510.484 и има зголемување за 5,1 отсто. Тоа покажува дека Македонија успеала да оствари минимален пораст на бројот на туристи и во услови кога земјата е изложена на сериозна политичка криза и во услови на големи меѓународни превирања.