Околу 200 Македонци за време на викенд ги посетуваат блиските градови во Србија за да ги испазарат потребните намирници. Секој од нив во просек троши по 5.000 динари (околу 2.500 денари), поради што трговците на југот од Србија задоволно ги тријат рацете.

Ова се дел од наводите на белградскиот весник „Блиц“, кој пишува опширно за шопингот преку граница и со другите српски соседи: Унгарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Бугарија и Црна Гора.

„На улиците низ Врање за време на викендот се повеќе се слуша македонски јазик, бидејќи во шопинг доаѓаат преку 200 жители на соседната земја“, пишува „Блиц“.

Нивното истражување покажало дека Македонците најмногу пазарат сувомеснати производи, сирење, кајмак, гардероба и обувки, поради што трговците во бројните бутици имаат двојно повеќе работа и промет од вообичаеното.

„Митко Дбарлиев секоја сабота со сопругата Виолета од Скопје проаѓаат по 90-ина километри за да го наполнат автомобилот со квалитетна и за 20 до 30 отсто поевтина српска роба. Најмногу купувачи има од Куманово, каде живеат и голем број Срби. Најмногу пазарат долна облека, дуксери, фармерки, маици, постелнина, а омилени места им се двата градски пазари“, тврди весникот.

Во обратен правец, пак, заминуваат купувачи од Србија, кои во Македонија воглавно пазарат сувомеснати производи, сирење фета, цигари и гардероба. Нивниот број, како што се наведува во статијата, сега е многу помал во споредба со претходните години и тоа најчесто станува збор за сопственици на бутици од Врање.