Македонците на шопинг во Грција и Косово - поевтино им е

Грција, Бугарија, Косово се само дел од дестинациите каде Македонците си купуваат брендирана облека за пониски цени.

Голем дел од граѓаните остануваат вчудовидени кога престојуваат во некоја друга земја или пребарувајќи по интернет ќе сфатат дека многу повеќе им се исплатува саканиот производ да го купат од странство отколку во земјава. Па дури и откако ќе платат за негов транспорт до Македонија.

Во познатите продавници во скопските трговски центри брендиранаа облека е поскапа за најмалку 30% споредено со облеката во продавниците на тие брендови во европските метрополи.

Трговците во земјава не сакаат јавно да зборуваат за разликата во цените, но се правдаат дека повисоките цени кај нас ги диктираат повеќе фактори. Тие потенцираат дека цените во Македонија во никој случај не можат да бидат исти како во поразвиените европски земји, најмногу поради тоа што сме мал пазар во кој нема доволно конкуренција, како и поради тоа што некои трговци имаат доминантна положба на и така малиот пазар.

Економските експерти од поодамна реагираат дека трговците во земјава одат со многу високи маржи, обидувајќи се да направат поголем профит со помала продажба. Толку високи маржи, сметаат економистите, се економски неоправдани. Иако официјално трговците велат дека маржите им се движат околу 10 отсто, неофицијално тие достигнуваат од 25 до 30 отсто, што е повисоко од сите земји во регионот.