Магистралата се користи како паркинг во Ченто

Магистралата „Маџари“ во скопската населба Ченто, неодамна беше проширена за уште две коловозни ленти, по една во двете насоки,  со цел да се реши проблемот со метежот кој таму редовно се создаваше. На барање на граѓаните, општинските и градските власти ја проширија улицата за да го елиминираат тесното грло кое правеше проблеми речиси секојдневно. 

Меѓутоа, ситуацијата само неколку месеци подоцна е сосема иста како и претходно. Новоизградените ленти се користат како паркинг, па за разминување и понатаму остануваат само двете основни ленти. Реконструкцијата траеше повеќе од една година и успешно се поврзаа преку соодветен пат населбите Ченто и Маџари. Најголем проблем создаваат дивите пазарџии кои своите производи ги продаваат на самата улица, но тука се и луѓето кои застануваат со своите автомобили за да пазарат на пазарот кој е во непосредна близина. Зелка и праз се продаваат на десната лента на улицата „Маџари“ па колите одвај се разминуваат. 

Проширувањето на улицата чинеше 840 милиони денари, но паркинг не беше предвиден иако гужвата главно се создава поради пазарот. Општина Гази Баба дополнително најави дека ќе обезбеди место за паркирање но сеуште активностите не се почнати. На улицата паркирање или задржување е забрането, логично бидејќи се работи за улица која е обележена како магистрален пат, но очигледно никој не го почитува тоа. 

Од МВР велат дека до сега немало официјални поплаки од некој од жителите и дека тие нема да реагираат, додека некој не се пожали. Казната за недозволено паркирање или задржување на улица е 45 евра или 25 казнени поени.