Лоза ќе се закројува во Кучково и Ајватовци – приградските општини традиционално го одбележуваат Св.Трифун

Денеска е Свети Труфун, денот кога се закројуваат лозјата.

Приградските скопски општини секоја година традиционално и во организација на црковните одбори го одбележуваат овој верски празник, а централната манифестација и оваа година се очекува да се одбележи во малата црква во селото Кучково, која е посветена на светецот Трифун во присуство на голем број верници на овој чин кој со векови се одржува на овие простори.

На овој ден се реже лозјето и се попрскува со осветена вода, во која има лозови гранчиња. Постарите жители на селото се потсетуваат на илјадниците корени лозја кои во минатото ги одгледуваа кучковци, а виното што го произведувале било со висок квалитет. И денес во селото може да се сретне по некоја помала површина засадена со лозов насад.

Општина Илинден празникот ќе го одбележи во населеното место Ајватовци.

– Симболичното закројување на лозовите насади ќе почне со Божествена литургија во црквата “Свети Трифун”, што ќе ја одржат свештеници од Македонската православна црква. Во рамките на одбележувањето на празникот на лозарите во нашата општина, годинава по петти јубилеен пат ќе се изврши избор на најдобро домашно приготвено вино на традиционален начин, а изборот, како и во изминатите години ќе го извршат членовите на “Винско витештво” од Македонија – здружение кое се грижи за промоција на македонското вино и на македонската култура – информираат од Општина Илинден.

Во некои краишта на Македонија, како што се Охрид и Прилеп, празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) – пијаницата. Како што забележале собирачите на македонски народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи. Д-р Марко Китевски во книгата “Македонски празници” пишува дека Свети Трифун се празнува на 1. сечко, според стариот, или на 14 февруари, според новиот календар.

– Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода, за која се верувало дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и дека има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата, при што го изведувале и обредното закројување – пишува во книгата “Македонски празници”.

Во Скопско, како што забележал М. Кратовалиев, во запис од деветнаесеттиот век, на тој ден по црквите крштевале вода и од таа вода секој селанин си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелта и ќе полеел од крстената вода. Водата ја поливал за да има бериќет, а пепелта за да “испрхнува”, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа закројувале по неколку лозинки, по што седнувале, се гоштевале и правеле големи веселби. На овој ден лозарите приредуваат и ручек и ги повикуваат и случајните минувачи, бидејќи се смета дека на домаќинот и целата куќа тоа ќе му донесе среќа.

На денешен ден, кога се прославува православниот празник Свети Трифун, се верува дека ако на Свети Трифун паѓа дожд, годината ќе биде родна, а најдобро ќе родат сливите. А, ако биде ведро, годината ќе биде сушна и неродна.

На овој ден именден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајко…