Љубовната драма на скопската Грета Гарбо (фото)

Секој град има свои легенди кои се раскажуваат од колено на колено. Едната од нив е и онаа за исклучителната убавина на скопјанката Марица Шими, и љубовната драма поврзана со нејзината убавина и со животот. Не постои скопјанец од постарите генерации што не ја знае и не ја раскажува оваа приказна, раскажува Данило Коцевски за Вест.

А сè започнува со тангото во периодот меѓу двете војни. Под влијание на музиката од еден познат филм од тоа време, цело Скопје го играло шими тангото. За најдобар играч и за кралица на тангото била прогласена токму Марица. Оттогаш таа го добила прекарот Шими. Момчињата од Скопје лудувале по неа, бидејќи, покрај убавината, била сестрано талентирана, имала извонреден глас и често ги одушевувала гостите во кафеаната "Маргер", кога пеела за нејзиното друштво. Под влијание на егзотичните филмови за Тарзан, била прогласена за кралица на џунглата, но и за кралица на скопското корзо. Поради шармот, убавината и талентот била споредувана со Грета Гарбо, но и со синиот ангел Марлен Дитрих. 

Но се случил еден настан кој брзо се проширил и за кој раскажувало цело Скопје. Еден скопски фраер бил страсно вљубен во Марица и постојано ја следел. Таа не му возвраќала на љубовта. По многуте караници и тешките навреди, разочараниот фраер, една скопска ноќ, решил да ја убие. Додека седела со нејзиниот пријател во "Маргер", тој од зад грб $ пришол со нож. Реагирајќи инстинктивно, таа не можела сосема да го одбегне ударот од ножот и тој целосно и се забодел во нејзиниот десен бут. Трагедијата не можела да се одбегне. По обилните крвавења и трите операции, ногата $ била ампутирана. Така, една од најмаркантните скопски убавици останала инвалид. Тогаш Марица имала само 21 година. Родена е во 1907, а настанот се случил во 1928 година.
"Тетка ми беше храбра и достоинствена жена", раскажува денес нејзината внука Станислава Димишкова.

"Сиот свој живот стоички ја поднесуваше трагедијата", додава таа. По настанот, таа неколку години не излегувала, а подоцна можела да се види како со пајтон ги обиколува скопските улици. За да го види градот, и да ја победи осаменоста.

Сепак, не се предавала лесно Марица. Нејзината претходна слава не можела наеднаш да згасне. Еден од најпознатите белградски угостители во тоа време, ја поканил да пее во ресторанот "Волга". Пријателите ја убедиле да замине за Белград. Нејзините настапи предизвикувале воодушевување, а биле проследувани од културниот и политичкиот крем на градот. Тоа било повторно раѓање на синиот ангел. Секогаш при настапите со едната рака се придржувала за шанкот. По престојот и во Сараево, повторно се вратила во Скопје.

Продолжението на приказната е помалку познато. Што понатаму се случило со Марица? дочекала длабока старост. По војната и смртта на нејзините родители, живеела во семејната куќа во центарот на Скопје, заедно со еден од нејзините браќа професорот Васил Трајковски и со сестрата Александра, која била лекар. Според сеќавањата на соседите од улицата 11 Октомври, таа и во староста ја зачувала убавината. "Куќата ни беше токму на местото каде што денес се наоѓа фонтаната во паркот Жена борец", вели Димишкова 

"Јас со тетка ми Марица израснав, и бев со неа сè до нејзината смрт. Таа се грижеше за сите нас. Јас сум наследила нешто од нејзината музикалност. Со мојот сопруг Томе Димишков го обиколивме светот заедно со КУД 'Орце Николов'", вели Станислава.
Пред да почине, скопската кралица на убавината и песната имала обичај да рече: "Господе, ми даде тежок живот, дај ми барем лесна смрт". Марица Шими ненадејно ќе почине во Скопје во 1990 година, на 83-годишна возраст.

Фото: Вест