Љубомората е моќна и комплицирана емоција која сите луѓе ја доживеале во одреден период од животот. Љубовта речиси секогаш поттикнува љубомора. Кога таа е во умерени дози воопшто не ѝ пречи на врската, но проблемот настанува кога љубомората ги преминува сите граници на нормалното.

Љубомората може да се сфати како реакција која се појавува кога личноста чувствува закана дека реален или замислен ривал ќе ѝ ја уништи љубовната врска. Премногу љубоморните личности стануваат опседнати со стравот дека може да ја изгубат саканата личност, дека таа ќе ги изневери или повреди. Кај нив љубовта за неколку секунди може да се претвори во лутина и бес, а нежноста во потреба за контролирање, проследена со заканувања и заплашувања.

Во никој случај не треба да ја игнорирате опсесивната љубомора на вашиот партнер. Или обидете се да му помогнете да ја надмине, или за вас е подобро да се оддалечите од него.

Како да познаете дали вашиот партнер е премногу љубоморен?

Љубоморниот партнер можете да го препознаете по неговите размислувања и постапки, начинот на изразување на емоциите и односот кон вас. Вашиот партнер ги преминува нормалните граници на љубомора ако:

  • Постојано ви се јавува за да праша каде сте, со кого сте, што правите;
  • Се вознемирува секогаш кога ќе поминете подолго време со вашата пријателка, сестра, мајка, т.е. со секоја личност која не е самиот ТОЈ;
  • Без никаква причина чувствува омраза кон вашите машки пријатели;
  • Се обидува да ве изолира од вашите пријатели, користејќи притисок;
  • Ве шпионира, односно го проверува вашиот мобилен телефон;
  • По секој телефонски разговор ве испрашува детално;
  • Ви ја бара лозинката од вашиот профил на социјалните мрежи, како Facebook, за да може да ги чита вашите лични пораки;
  • Постојано ги испрашува вашите пријатели, со цел да ја провери точноста на информациите кои вие му ги давате – каде сте биле, колку време сте биле излезени и сл.;
  • Секој ваш контакт со очите на друг маж го смета за флертување;
  • Избувнува само што ќе се приближите до некој привлечен претставник на спротивниот пол;
  • Ви забранува да се шминкате и дотерувате за да не привлекувате погледи;
  • Ве обвинува вас за неговите љубоморни испади.

Врската со љубоморен партнер може целосно емотивно да ве исцрпи и кога-тогаш ќе се изморите од константното давање на објаснувања и застанување во дефанзивна положба. Многу е важно да се обидете заедно со партнерот да се справите со неговата љубомора ако сакате да ја спасите вашата врска.

Како да му помогнете на партнерот да се справи со љубомората?

  1. Не се залажувајте со размислувања како „Тој е премногу љубоморен затоа што ме сака премногу“. Најважно е да не барате изговори за неговата посесивност и екстремна љубомора. Некои жени веруваат дека колку е поголема љубовта, толку е поголема љубомората и со тоа ги оправдуваат лошите постапки на нивниот партнер. Но, тоа е чиста заблуда. Преголемата љубомора е проблем кој ако не го отстраните, полека ќе ја гризе врската додека не остане ништо.
  2. Не си играјте со неговите чувства. Понекогаш жените знаат намерно да го испровоцираат својот партнер со лесно флертување со други за да го направат љубоморен, бидејќи тоа ги уверува дека се сакани и посакувани. Но, ако вашиот партнер има проблем со љубомората, ваквото ваше однесување е играње со оган и лесно може да ви избега од контрола. Заборавете ги љубовните игри за доброто на вашата врска.
  3. Не реагирајте на неговите љубоморни испади со лутина или исмејување. Кога се соочуваат со љубоморен партнер, повеќето започнуваат да се однесуваат заштитнички, реагираат полни со лутина и долеваат масло в огнот со бурни расправии. Други пак, не ја сфаќаат сериозно љубомората на партнерот и го исмејуваат со реченици како „Ха, ха, ајде не биди смешен“ и со тоа го игнорираат проблемот. За да ја искорените болната љубомора од врската, не треба да влегувате ниту во првата, ниту во втората група. Сфатете го проблемот сериозно и пристапете му смирено и со бистра глава.
  4. Разговарајте за неговите стравови и грижи. Најдете тивко место каде што никој нема да може да ви го прекине разговорот. Изнесете го пред партнерот проблемот за неговата љубомора и кажете му колку негативно влијае таа врз вашата врска. Давајте му конкретни примери кога се однесувал претерано љубоморно и опишете му колку ви било вам непријатно. Внимателно слушајте ги неговите ставови, затоа што преку нив ќе ја пронајдете причината која кај него го разбудила „зеленото чудовиште“. Многу е важно да се обидете да ги разберете причините за појавата на љубомора, без разлика колку апсурдно ви звучат.
  5. Дознајте од каде потекнува неговата љубомора. Љубомората кај него се појавува бидејќи тој чувствува страв дека ќе ве изгуби, дека ќе го изневерите или повредите. Дознајте од каде потекнуваат таквите емоции. Дали неговите родители се развеле поради трета личност? Дали некоја негова бивша го изневерила? Дали вие сте му дале повод да се сомнева дека може да го оставите? Откако ќе го дознаете потеклото на љубомората, полесно ќе можете да пронајдете начини за решавање на проблемот.
  6. Уверете го дека го сакате и дека ви значи. Малите романтични гестови и изјави на љубов ќе го убедат вашиот партнер дека тој е човекот со кого сакате да сте заедно и со тек на време неговите сомнежи во вас ќе исчезнат.
  7. Зголемете му ја самодовербата. Како најчеста причина за љубомората во една врска се наведува ниската самодоверба. Личностите со ниска самодоверба се склони да си измислуваат соперници и да ги оправдуваат своите апсурдни сцени на љубомора. За да му ја зголемите самодовербата, давајте му комплименти кои ги потенцираат неговите позитивни страни. Ако не научи да се сака и почитува себеси, речиси е невозможно да ви верува вам дека го сакате и цените.
  8. Не го споредувајте со други мажи. Одолејте му на искушението да го споредувате со други мажи. Дури и мажот со најголема самодоверба би се почувствувал непријатно кога го споредуваат со други. А, мажите кои имаат проблем со љубомората се најранливи на споредувањето. Ако го споредувате со друг, во неговата глава ќе се вртат мисли дека вие повеќе би сакале да сте со оној другиот отколку со него.
  9. Не потпаѓајте под негова контрола. Ако тој ви забрани да излегувате со ваша пријателка и вие мирно го прифатите тоа, вие всушност ги поддржувате и одобрувате неговите контролирачки постапки. Смирено кажете му дека го сакате и знаете дека има проблем со љубомората, но дека нема поради тоа да живеете под клуч.
  10. Поставете разумни граници во врската. Кажете му дека не сте негова сопственост и дека никој не сака да му се ограничува личната слобода, да го притискаат, постојано да го следат и да му бараат објаснување за секоја постапка. Објаснете му дека е пожелно и двајцата да имате свои пријатели и интереси кои не треба да бидат причина за „хранење“ на љубомората. Поставете граници што е прифатливо, а што не е во вашата врска. Колку повеќе зборувате отворено, толку повеќе тој ќе гледа дека вие се трудите да останете заедно, а тоа ќе се одрази позитивно на вашата врска.

Додека се обидувате да му помогнете на вашиот партнер, треба да сте свесни дека промените не се случуваат преку ноќ. Градењето врска со љубоморна личност бара многу трпение и само вие можете да процените дали навистина вредат вашите напори.