Лисичани повторно го блокираа булеварот 12 Македонска бригада

Жителите на населбата Лисиче денеска отпочнаа протест. Како што беа и најавите, мирниот протест се одржа со блокирање на булеварот 12 Македонска бригада, на раскрсницата кај последната автобуска постројката кај каналот. Ист ваков мирен протест е закажан и за утрешниот ден но и за во петок, граѓаните не се откажуваат од своите барања за поголема безбедност во сообраќајот.

-Целта на овој протест е да го покажеме нашето незадоволство од тоа што со години никој не презема одговорност за безбедноста на овој булевар. До сега добивавме само пинг понг реторика меѓу општинските и градските власти околу надлежноста и обврските за овој булевар, но решение не добивме. Жителите на Лисиче и понатаму секојдневно се во опасност преминувајќи го булеварот. Прашуваме до кога ќе чекаме сообраќајно решение за булеварот? Уште колку деца треба да го загубат животот пред некој да се сети на 12 Македонска бригада и лисичани и лисичанки?, информираат граѓаните.

Тие бараат од надлежните институции да го решат овој проблем со итно донесување на сообраќајно решение кое ќе нуди безбедност за жителите на Лисиче.