Левица: Нови пријави од вработени во ЈСП, надлежните молчат

Откако објавивме за притисоци и кршење на работничките права од страна на директорот на ЈСП, Кристијан Чушков, добивме нови пријави од вработени во ова јавно претпријатие. Имено, според добиените информации, работниците кои ги чистат автобусите работат без никаква заштитна опрема и соодветни средства за заштита од корона вирусот.

Дополнително, работниците за викенди работат по 16 часа, без никаков платен надоместок! Левица минатата недела поднесе пријава до Државниот трудов инспекторат, но сѐ уште нема никаков одговор. Дали власта ги штити своите партиски кадри во ова јавно претпријатие, а на сметка на здравјето на работниците? Дали јавните дејности се користат исклучиво за цедење буџетски пари и богатење на поединци блиски на власта?

Истовремено, ја информираме јавноста дека располагаме со информации за континуирано малтретирање на работниците во ова претпријатие преку кратење на плати, уцени и распоредување на пониски места кои дополнително ќе ги обелодениме. За овие случаи веќе се покренати неколку судски спорови од страна на самите работници, и покрај притисоците со кои се соочуваат. Во ваквите злоупотреби и малтретирања на работниците се инволвирани и самите синдикати, кои очигледно претставуваат продолжена рака на власта во спроведувањето на нивните анти-работнички политики.

Левица – Сектор за труд и социјална политика