Заљубувањето не е избор, тоа е ирационален ланец од настани кои едноставно не можат да бидат запрени. Може да се случи бавно, со текот на времето, а може да биде брзо, за неколку секунди. Еден поглед. Еден допир. Еден разговор. И сѐ е готово.

Заљубувањето е лесниот дел, возбудата која доаѓа со пронаоѓањето на деловите од карактерот на другата личност и поеднакво страшните моменти кога си ја разголувате душата некому. Тоа е интересно, уникатно. И никогаш не се повторува истото чувство двапати.

Но, останувањето заљубен е избор. Активен процес на носење одлука кој бара работа и посветеност. Лесно е да се заљубиш во добрите делови на човекот: памет, тело, духовитост. Овие работи се лесни за сакање.

Останувањето заљубен е тешкиот дел. Првичната занесеност избледува и остануваат само две личности со маани кои се обидуваат да пронајдат нови начини за заљубување еден во друг.

Почнувате да снемувате теми за разговор, се фаќате себеси како одново ги раскажувате истите приказни. И розевите очила кои на почетокот ги криеја недостатоците веќе почнаа да избледуваат.

Можеби се работи за малите работи, како тоа дека другата страна заборава важни настани. Можеби се работи за големи работи од типот на дерење и кажување се и сешто во лутина.

На крајот на денот, никој не е совршен и сите имаат своја уникатна збирка од недостатоци и доблести. Луѓето кои остануваат заљубени не го прават тоа затоа што немаат друг избор, напротив за нив, секој ден е избор.

Со текот на времето сфаќате дека личноста во која сте се заљубиле е несовршена и најголемиот чин на љубов, вистинската дефиниција за љубење некого е кога ги сакате тие несовршености исто како што ги сакате и добрите работи.

Љубовта значи да кажеш: „Те гледам, целосно, баш како што си: доброто, лошото, работите кои не сакаш да ги кажеш никому. Гледам од што се срамиш и го гледам она што посакуваш да го скриеш. Ги гледам овие работи и сѐ уште те сакам. Сѐ уште те избирам тебе.“

И се надевате и се молите дека другата личност ќе го направи истото.
Да ги види вашите недостатоци и да ве сака на ист начин.
Да биде покрај вас и кога работите ќе се влошат и ќе бидат тешки и комплицирани.
И тие да ве изберат вас, како што и вие сте ги избрале нив.