Лекарите апелираат да не се излегува надвор од 10 до 17 часот и да се пие повеќе течност

Температурите во Македонија деновиве се искачуваат се повисоко. Тоа е доволен аларм за граѓаните да внимаваат на своето здравје и да го намалат времето поминато на сонце и воопшто на отворено.

Лекари веќе советуваат да не се излегува на отворено од 10 до 17 часот, да се пијат големи количини течности, да се внимава во исхраната, како и со облеката, која треба да биде лесна и во светли бои.

На овие високи температури се препорачува сите оние што немаат потреба да излегуваат надвор да седат дома, да пијат повеќе течности. Ова особено се однесува за младите категории и за возрасните хронично болни пациенти. Хронично болните пациенти треба да ја земаат редовно терапијата пропишана од лекарите. Кај хронично болните пациенти со зголемен крвен притисок и кардиолошките пациенти, зголемена е можност да добијат мозочен или срцев удар.

Доколку имате неопходна работа и не може да се одложи, тогаш на главата е препорачливо да се стави шапка, но и заштитен крем. Треба да се носи лесна облека во светла боја, која не е залепена за телото, како и очила за сонце.

Не влегувајте веднаш во автомобил, прво отворете ги вратите да се излади малку и доколку имате можност употребувајте клима-уред. Наглото влегување од топла во ладна просторија и обратно не е препорачливо, мора да има период на адаптација .

Треба да се внимава и на исхраната, особено ако се употребува зеленчук. Тој треба добро да се измие за да не дојде до цревни заболувања и интоксикации, кои во овој период се многу чести.