Легендарната група „Тото“ со концерт во Скопје

Еден од најголемите американски бендови на сите времиња „Тото“, за прв пат доаѓа во Скопје, со концерт во рамките на јубилејната турнеја по повод 40 години од нивното постоење, на 05 март 2018 година, во ВИП арената „Борис Трајковски“, соопштија од „Авалон Продукција“.

Познати по своите врвни свирачки достигнувања, „Тото“ е бенд кој светската музичка јавност го третира како еден од најдобрите во музичката индустрија, а членовите ги карактеризира како „Кралеви на живата свирка“.

Во 2018-та година тргнуваат на голема светска турнеја која опфаќа 40 земји, насловена „40 Trips Around The Sun“, со која одбележуваат 4-децениска работа, а и со нов студиски албум, кој треба да излезе во февруари идната година.

„Во групата сме задоволни и истовремено возбудени за долгогодишниот успех на бендот. Оваа јубилејна турнеја, по повод 40 години од постоењето на ’Тото‘ ќе биде многу специјална турнеја за секој од нас и за сите наши фанови низ светот“, вели гитаристот Стив Лукатер.

За родоначалниците на стадионскиот рок ова ќе биде 23 турнеја и 14-ти по ред студиски албум, после низа мултиплатинести плочи продадени во преку 35 милиони примероци. Хитовите како што се „Росана“, „Африка“, „Холд д’лајн“ и уште многу други им донесоа многу музички признанија и пет Греми награди.

Влезници за концертот на „Тото“ може да купите преку продажната мрежа на „Купи Карти За Сѐ“ низ цела Македонија, известија од „Авалон Продукција“.