Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски потпиша и додели 64 решенија за легализација на дивоградби.

– Видно беше задоволството на граѓаните кои со години чекаа нивниот проблем, со легализирање на бесправните објекти, да биде решен.

Ваквиот транспарентен начин на доделба на решенија на граѓаните ја елиминира можноста за фаворизирање при решавање на барањата за легализација на бесправно изградени објекти – велат од општината.

До општинските служби поднесени се над 12.000 барања за легализација, досега се разгледани и решени 6.129 предмети, а остануваат за реализирање уште 6.032 решенија кои се веќе во обработка. Од општината апелираат до граѓаните оние кои досега не ги комплетирале своите документи да се обратат за консултација до Секторот за урбанизам при општина Ѓорче Петров, со што ќе си го остварат своето законско право за легализација на бесправно изградените објекти.

Исто така, од општината информираат дека во близина на пазарчето е пуштен во употреба целосно нов паркинг простор со што се решава долгогодишниот проблем на жителите, особено на посетителите на пазарот кои доаѓаат со возила.

– Улицата “Новопроектирана 1” досега беше многу често блокирана од времено паркирани возила, а сопствениците се соочуваа со проблемот, подигање на возила од страна на пајак-службата. Новоизградениот паркинг кој е пуштен во употреба минатата недела ќе овозможи непречено паркирање и за купувачите и за сопствениците на тезги во пазарчето – велат од општината.

Поради дотраеност на просториите на матичната служба во општина Ѓорче Петров, отсега венчавките ќе се обавуваат на друга локација со цел да се овозможат соодветни услови кои приличат за вакви настани за венчавање на млади парови.

– Имено, во Центарот за култура “Ѓорче Петров” извршена е пренамена на дел од сцената со што се доби сосема нов адаптиран простор за венчавки. Поставена е нова завеса по широчина на целата сцена и адаптирани се столовите за младите и гостите кои ќе присуствуваат на чинот. Оваа мерка ќе трае се до преселување на општинските служби во новата општинска зграда каде што е предвидена и сала за венчавање – велат од Општината.