"LeaFly": Македонија следна европска земја која ја легализира марихуаната за медицински цели

Македонија го легализираше канабисот за медицински цели, а со тоа стана 14-та држава во Европа која превзема ваков чекор по Чешка, Финска, Романија, Италија, Шпанија, Холандија, Франција, Австрија, Португалија, Германија, Велика Британија, Словенија и Хрватска. 

На 15 Мај, Министерот за здравство, Никола Тодоров, ги објави измените и дополнувањата на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции во Македонија, со кој се легализираше марихуаната за медицински цели. Со тоа им се помага на многу луѓе кои патат од тешки болести како малигни заболувања, мултиплекс склероза, ХИВ, детска епилепсија и многу други. Точно се определува кои лекари ќе можат да ги пропишат препаратите од канабис и за кои болести или состојби.

За овој чекор кај нас пишува и познатиот сајт "Leafly", според кој во Македонија и воопшто во земјите во Европа има голем напредок во здравствениот систем. За да дознаат повеќе за промената во здравството, "Leafly" контактирале со активистот Филип Достовски од Здружението "Зелена алтернатива", кое беше поборник за легализација на марихуаната.

- Пред неколку години Македонците не беа запознаени со тоа што е канабис за медицински цели. Зборот и идејата почнаа да се шират многу брзо по неколку организирани семинари за лековитите својства на канабисот, според методите и искуствата на Рик Симпсон. Тоа даде вистински резултати и ја разбуди свеста кај нас, вели Достовски за сајтот.

Тој додава дека Македонија е мала земја со 2 милиони жители каде секој знае се и ништо не останува тајна долго време: - "Ова е причината зошто пред две години само 50 посто од граѓаните ја поддржаа легализацијата на марихуаната за медицински цели, додека денес, бројот порасна за повеќе од 70 отсто", вели тој и додава дека и политичарите со текот на времето ја сфатиле важноста на овој чекор.

Сајтот пишува дека во последно време има напредок во Централна и Источна Европа во однос на ова прашање кое ќе помогне на многу тешко болни лица.