Лазовски нов селектор на македонската женска кошаркарска репрезентација

Марјан Лазовски е назначен за нов селектор на сениорскиот национален тим на Република Македонија во женска конкуренција. За него ова ќе биде нов правец во професионалната кариера односно прв предизвик како тренер/селектор на состав во женска конкуренција.

По бројните ангажмани на клупски план како тренер, Лазовски пет години беше и дел од стручниот штаб на сениорскиот национален тим во машка конкуренција, а го предводеше како селектор во 2012, на Олимписките квалификации во Венецуела.

– Досега не сум работел во женска кошарка, но според мене разлика во машката и женската кошарка не постои. Мислам дека имаме солиден состав, девојките се подисциплинирани, поисполнителни и поработливи. Најпрвин мислам дека треба да направиме одлична атмосфера, а потоа верувам дека ќе следат и добри игри. Со дисциплина и добра игра, нема да изостанат и резултатите, тоа е сигурно, изјави Лазовски за веб страната на МКФ.

Првиот собир сениорките ќе го одржат на 26 мај, во Скопје. Како дел од подготвителниот период во пресрет на почетокот на квалификацискиот циклус (ноември, 2017 година). Македонската кошаркарска федерација (МКФ) ќе биде домаќин на турнир „Трофеј Македонија“ каде покрај домашната, учество ќе земат националните селекции на Бугарија и Босна и Херцеговина.

– Турнирот ќе ни служи за проверка на силите по три години пауза, а во квалификациите ќе влеземе без оптоварување за задолжителен пласман на Европското првенство, се првите импресии на Лазовски по назначувањето.

Ждребот за составот на групите за квалификациите за Европското првенство ќе биде одржан на 4 јули во Минхен.