Лазаров: Сакам пак да ја освојам ЛШ и да играм на Олимпијада со Македонија

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров во интервју за шпанскиот најтиражен спортски весник „DIARIO AS” изјави дека желба му оваа сезона повторно да ја освои Лигата на шампионите со неговиот клуб Барселона, а со репрезентацијата да се пласира на Олимпијадата во Токио.

– Би сакал да ја освојам по втор пат Лигата на шампиони со Барселона и да играм на Олимписките игри со Македонија. Двапати стигнавме до квалификациите, но не успеавме. Да се пласираме во 2020 година во Токио ќе биде многу тешко, но ќе одиме чекор по чекор, година по година. Дај Боже да ги избегнам повредите и да го задржам моето ниво. Ќе биде како сон кој станува стварност да се квалификуваме”, искрен е десниот бек.

Македонскиот ас откри и зошто ги менува клубовите и лигите и никаде не се задржал повеќе од пет сезони.

– Се сметам себе си за светски патник и пет години на едно место е доволно време и имаш потреба да менуваш. Ако немаш мотивација да останеш на едно место, колку и да сте добри, не вреди ништо, истакнува Лазаров.

Потоа најдобриот македонскиот ракометар ги образложи причините за неговиот следен избор и преминот во Нант на истекот на договорот со Барселона.

– Причината за моето заминување од Барселона не е од економска причина, туку заради траењето на договорот што ми беше понуден. Иако имав други понуди, но таа на Нант беше најдобра. Потпишав договор на две сезони со опција за трета за клуб кој напредува, кој игра во Лигата на шампионите, кој го победи ПСЖ во домашното првенство, има амбиции за игра во силните квалитативни групи во ЛШ и има неверојатна публика, вели Лазаров.

Во недела во „Шпаркасе арената” Лазаров и соиграчите го играат првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Кил, а реваншот е шест дена подоцна во „Палау Блауграна” во Барселона.