Македонија ќе биде дел од ракометниот спектакл, поточно Европското првенство во Хрватска каде одново многу работи за нас ќе зависат од играта на капитенот Кирил Лазаров.
Најдобриот македонски ракометар секогаш е оптимист, верува во својот и квалитетот на соиграчите, но притоа добро знае во каква незгодна група сме со Германија, Црна Гора и Словенија.
– Сакам да бидам оптимист, можеби понекогаш и малку нереален. Ние како репрезентација треба да бидеме скромни и да стоиме цврсто на земја. Едно можам да кажам, нема пред никого нема да се предадеме дури и против една Германија, меѓутоа сега да кажам дека ќе ги победиме Словенија, Германија, а потоа во вториот круг Данска, и Шпанија тоа би било нереално. Во однос на нашата група, ние имаме многу повеќе шанси со Германија и Црна Гора отколку против Словенија. Тие се исклучително незгодна репрезентација, неслучајно беа бронзени минатата година. Имаат 16 подеднакво квалитетни играчи и врвен тренер како Веселин Вујовиќ кој знае да ги мотивира да бидат храбри и дадат над 100% проценти од себе. Ќе видиме, не очекува тешка задача, нереално е да ветуваме нешто конкретно. Треба да ја завршиме нашата задача и да одиме меч по меч, -порача Кире кој верува дека ракометот во нашата земја ќе биде уште подобар.
– Ракометот мора да остане спорт број 1, тоа Македонија го заслужува. Луѓето неизмерно го пратат и сакаат ракометот, многу позитивни работи се направени во репрезентацијата и клубовите во последните години. Во нашата федерација го имаме вистинскиот човек, Живко Мукаетов, амбициозен кој од година во година сака се да биде уште подобро. Имаме многу ракометни школи и клубови кои сакаат да инвестираат, па затоа мораме да размилуваме и работиме на тоа да бидеме што подобри, а не да се плашиме дали ќе опстанеме на ова ниво. Имаме талент, направивме база, децата седат пред ТВ, имаат свои идоли. Имаме и европски шампион, тука е и Металург кој со години работи со млади играчи, -истакна нашиот ас во интервјуто за „Спорт Клуб“.