Лазаров: Ја посветувам оваа победа на цела Македонија

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров не го криеше задоволството од значајната победа над Исланд во квалификациите за ЕП во Хрватска 2018 година.

По натпревраот Лазаров потенцираше дека победата е резултат на одличната колективна игра во која и помладите имале значаен удел, но пред се и публиката присутна во СЦ „Борис Трајковски“ која безрезервно во текот на целиот меч ги бодреше црвено-жолтите.

 – Одигравме квалитетен натпревар, речиси во сите 60 минути и имавме само мали падови. Не се сеќавам кога сме одиграле толку квалитетно против силна репрезентација. Среќен сум поради победата, но и поради нашата ментална стабилност. Делувавме како тим и ќе одиме во Исланд со идеја дека нема што да загубиме, само можеме да се надигруваме, без да се оптеретуваме со крајниот резултат. Победата и ја посветувам на цела Македонија, изјави Лазаров по натпревраот кој Македонија го доби со 30-25, а тој беше стрелец на 11 голови.

Возвратниот натпревар е во недела од 19.45 часот во Рејкјавик, а во рамките од 4.коло на квалификациската група 4 во која ден порано ќе играат Чешка и Украина.