Лани се случиле 94 несреќи на работно место – од нив 19 биле фатални

Македонија има висока стапка на фатални несреќи на работното место во споредба со европските држави, иако се забележува намалување на бројот на несреќи на работното место.

Минатата година стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесувала 2,62 или на секои 100.000 вработени на работното место починале двајца до тројца работници што е релативно висока стапка во споредба со други земји од Европа.

Податоците со кои располага Македонското здружение за заштита при работа, а се однесуваат на 2016 година, покажуваат дека во Македонија лани се случиле 94 несреќи при работа од кои 19 биле со фатални последици. Висока е и стапката на повреди на работното место, односно на секои 100.000 вработени, минатата година се повредувале 13 работници на работното место. Гевгелија е градот каде минатата година се случиле најголем број несреќи на работното место што се должи пред сè на повредите на припадниците на безбедносните сили за време на бегалската криза. По Гевгелија следува Скопје каде има и најголема концентрација на работна сила, а потоа и Тетово. Од друга страна, најголем број смртни случаи на работното место минатата година се евидентирани во Велес.