Лани без објавување оглас склучени 596 договори во вредност од 33 милиони евра

Големи тендери, намалена конкуренција, склучени договори без објавување оглас, раст на бројот на поништени тендери, се дел од клучните наоди на мониторингот на јавните набавки спроведени во периодот јули-декември 2018 година.

Во извештајот на Центарот за граѓански комуникации стои дека зачестено се спроведуваат големи тендери што не се делат на делови, и со тоа се оневозможува конкуренција помеѓу фирмите, односно се доведува во прашање рационалното и ефикасното искористување на средствата.

-Конкуренцијата во јавните набавки во второто полугодие од 2018 година е влошена во однос на првото полугодие. Гледано на годишно ниво, во дури 32 отсто од мониторираните тендери е добиена само една понуда. Зголемена е примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Во 2018 година се склучени вкупно 596 договори без објавување оглас, во вредност од 33 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од 2017 година, стои во извештајот.

Во него се наведува дека продолжува да расте бројот на тендери што се поништени, така што во 2018 година, целосно или делумно се поништени 27 отсто од сите постапки за јавни набавки, што претставува раст од три процентни поени во однос на претходната година.

Од Центарот во извештајот стои дека спроведувањето на јавните набавки од локално ниво се карактеризира со истите проблеми како години наназад: ниска конкуренција, многу тендери со по еден понудувач, висок процент на поништени тендери и стари, лоши, практики.

Фирмите во 2018 година доставиле 695 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки, што претставува зголемување во однос на претходната година за дури 37 отсто.

Најновата анкета, пак, меѓу фирмите покажува дека најчест проблем со којшто се соочуваат фирмите во јавните набавки и натаму е “најниската цена” како единствен критериум

Ззадоцнетото плаќање, како што стои,  падна од втор најчест проблем лани, на осмото место годинава, иако сè уште просечно се чека по 6 месеци и 12 дена за наплата на побарувањата за завршените набавки.

Четириесет и осум отсто од фирмите сметаат дека “секогаш” или “често” има корупција во јавните набавки.

Просечната оценка на фирмите за процесот на јавни набавки во земјава изнесува 2,87, што, според извештајот, е незначителен пораст во однос на лани кога оценката била 2,85.

Мониторингот на јавните набавки се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.