Дванаесет месечно бебе  од Скопје почнало нормално да дише откако од белите дробови му извадиле ланче. Во детската болница во Козле завршило во лоша здравствена состојба и веднаш интервенирал тимот за бронхоскопија. Интервенцијата била успешна, а здравствените работници биле во шок како успеало да вдише накит долг 15 см.

Ова е само дел од палетата на предмети извадени од дишните патишта кај деца. Лекарите од оваа установа биле присутни и на драматични ситуации кога секунди биле во прашање за спасување на детски живот, пишува Здравство24. 

-Има многу случаи, не може некој посебно да се издвои…Имаме 6 месечно бебе кое голтнало трева, детенце кое стигна кај нас со дел од тракторска гума, девојче кое голтнало шпенагла, каменчиња, и многу други туѓи тела кои ги имаме најдено во дишни патишта, вели д-р Јане Бужаров од тимот за бронхоскопија во болницата во Козле

Долготрајна и сува кашлица или проблеми со дишењето се најчестите симптоми  кога лекарите од Козле преку бронхоскопија откриваат туѓо тело во белите дробови. Дали состојбата е алармантна, велат дека зависи од местоположбата на вдишаното камче или зрно грав.

-Може да трае и една минута а може и 30 минути, но тоа е максимум колку се изведува бронхоскопија кај деца. Гледајќи ја возраста, имаме од 6 месечни бебиња до тригодишни деца, вели др Бужаров.

Во нивната пракса имале и случаи кога вакви туѓи тела со години биле присутни во дишните патишта кај децата. Во таквите случаи можат да останат и доживотни компликации по здравјето.

Лекарите со апел до родителите да бидат постојано во близина на нивните деца бидејќи и мало невнимание може да заврши трагично. Во некои развиени земји постои пракса кога има вакви случаи, од болниците повикуваат социјални служби да разговараат со семејството.