Култниот Лајбах на главната вечер на Таксират

Главната вечер на 17. издание на „ТАКСИРАТ“ на 7. декември во „Метрополис Арена“ има чест да биде домаќин на словенечката индустријал легенда, култната група „ЛАЈБАХ“! Најпознатата и истовремено најконтроверзната група од регионов, по речиси осум години пауза од студиските изданија, доаѓа со новиот и исклучителен албум „Spectre“ (сениште). 

„Лајбах“ со овој албум повторно е една од најголемите атракции на музичката сцена. Откако го промовираа ширум Европа, годинава следеше и турнејата во С.А.Д., а неодамна го привлекоа вниманите на медиумите од целиот свет со веста која одекна за нив како единствениот западен бенд кој доби дозвола да настапи во Северна Кореја, најзатворената земја на светот. По Северна Кореја, единствената група од регионот која успеа да ја зацврсти меѓународната кариера со серија исклучителни албуми, своето последно остварување ќе го претстави на „ТАКСИРАТ“ во Скопје.

„Лајбах“ е една од највлијателните групи од југословенските простори, која на почетокот на 80-тите години стана гордост на бунтовните и прогресивни луѓе во регионов и пошироко, а останаа запаметени како прототип за голем број бендови, меѓу кои и славните Германци „Рамштајн“. По 35 години кариера и покрај светскиот успех, „Лајбах“ успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден денес е верен претставник на музичката авангарда. Како вистински легенди тие важат за едни од најгенијалните индустријал уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката. Нивната музика и идеи ги поставија корените на она што денес се смета за „милитаристички индустријал“, со извонредни дела кои важат за силна критика на механизираноста и оркестрираноста. Стилот на „Лајбах“ е пред сѐ критикувачи уметнички перформанс кој постојано посочува кон уметноста која станува алатка на тоталитаризмот и си поигрува со крајните граници на естетиката на фетишизмот и милитаристичката моќ. Уште од самите почетоци нивниот уметнички израз е разобличување на естетската блискост и речиси идентичност на непомирливите идеологии како комунизмот и фашизмот.

Покрај „Лајбах“ за фестивалското финале на „ТАКСИРАТ“ на 7. декември во „Метрополис Арена“ потврдено е и гостувањето на еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови „ЛА ПЕГАТИНА“. Годинава во знак на „Таксират“ ќе се одржат и бројни дополнителни музички настани, од кои веќе е најавено одржувањето на втората меѓународна музичка „ПИН конференција“ на 27. и 28. ноември во МКЦ, која ќе биде затворена со годинашното издание на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ (сабота, 28. ноември). Наскоро ќе бидат објавени и новите изведувачи кои ќе бидат задолжени за 17. „Таксират“ да го запаметите како исклучително позитивно доживување од нашето градско (не)секојдневие.