Култниот словенечки авангарден индустријал-бенд „Лајбах“ на 27 март 2018 година во Скопје ќе го претстави новиот албум Also Sprach Zarathustra („Така зборуваше Заратустра“).

По три години, една од највлијателните групи од југословенските простори со убедливо најголем меѓународен успех се враќа кај нас и тоа првпат во МКЦ, во многу поинтимна атмосфера од кога било досега. Музиката за новиот албум „Лајбах“ ја компонира за театарската претстава „Така зборуваше Заратустра“, основана на едно од најзначајните филозофски дела на Фридрих Ниче, а која ја режира Матјаж Бергер во театарот „Антон Подбевшек“ во Ново Место.

Скопскиот концерт е во рамките на европската турнеја за овој албум на која бендот изведува целосно нова концертна програма, песните од актуелниот албум, но и класиците од својот репертоар во нов аранжман, а кои не ги изведувале со години. Влезниците Early bird за овој настан на „Таксират 20“ со строго ограничен капацитет се во продажба по цена од 500 денари.