Култни кафулиња во Скопје - места каде може да се напиете одлично кафе

Додека сите „нормални“ луѓе пијат кафе наутро, во Скопје се пие најмногу попладне. Покрај тоа што тој период од денот се смета за време во кое луѓето се на работа, веќе по 12 часот култните кафулиња и локали во градот се преплавени од гости. 

Па, ако и вие сте еден од оние кои има можност да ги ескивира работните обврски, макар на половина час еве каде Ви предлагаме да „седнете на кафе“.

Ако се наоѓате некаде низ Центар, а не сакате да бидете „турист“ или „странец“ кој ќе седне во некој од локалите на ул.„Македонија“ или на кеј, сетете се на Дебар Маало. Не, не познатата улица „Ленинова“ и таму сте некој кој не го познава Скопје доволно. На малиот кружен тек еден наспроти друг се наоѓаат „Круг“ и „МАД“. Во „Круг“ има сенка, опуштена и мирна атмосфера, вистинска оаза во урбаната џунгла. „МАД“ пак, е популарно наречен „kitchen&bar“ каде покрај кафе, можете да пробате одлични специјалитети подготвени за само неколку минути.

На истиот кружен тек се наоѓа и „Радио Бар“, место во кое ќе се чувствувате како да сте во комшискот двор.  Кога веќе спомнавме храна, спроти Архитектонскиот факултет, во сокачињата на Буњаковец се наоѓа „Цреша“, а на најубавата улица во Скопје е „Горки“. Не смеете да отидете во „Горки“, а да не го пробате нивниот помфрит, по кој во комбинација со точено пиво ќе „откачите“. Пиво, а? Во чаршија има и пивница, која и официјално е број еден локал според посетеноста на странци. Очигледно има нешто што ги привлекува баш таму. Јас би рекол дека е одличниот поглед кон останатиот дел од чаршијата и бучниот центар и плоштадот Македонија.

Сега за сега, ова е списокот на места кои треба да ги посетите или само мал дел од она што го нуди Скопје и неговата угостителска репрезентација.