КСС против селективно зголемување на платите - не може за одредени сектори да има, а за одредени сектори да нема пари

Конфедерацијата на слободни синдикати реагира на парцијалното зголемување на платите за пет проценти само во образованието, здравството и одбраната предвидено со Предлог-буџетот за 2018 година.

Бараат усогласување на платите во јавниот сектор соодветно на процентот создаден со покачувањето на висината на минималната плата и итно отпочнување на преговори за зголемување на платите во јавниот сектор за проценти кои ќе бидат утврдени преку преговори со репрезентативните синдикати, а кои би се реализирале заклучно со јануарската плата следната година.

Доколку не се прифатат овие барања, од КСС најавуваат порадикални мерки кои подразбираат и организирање на протести и штрајкови.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски денеска на прес-конференција рече дека со селективното зголемување на платите се врши дискриминација и оти не може за одредени сектори да има, а за одредени сектори да нема пари.

– Ако нема социјален дијалог и конструктивни преговори во кои можеме да најдеме заеднички параметар околу платите тогаш може да се случат порадикални дејствија, рече Ралповски.

На денешната прес-конференција претседателите на гранковите синдикати членки на КСС изразија незадоволство што со зголемувањето на платите предвидено со Предлог-буџетот за 2018 година, се заборавени државната администрација, затворите, инскециските служби, судската администрација, културните и научните работници.

Од КСС бараат воведување на К-15 и во државниот сектор и повторно обвинија дека нема социјален дијалог во државата.