Кршење нога во шахта, седнување на дотраена клупа: Граѓаните ги тужат јавните претпријатија

За разлика од порано, кога барањето отштети поради пропусти на локалните самоуправи беше реткост, сега повеќе не е, објаснуваат адвокатите што се занимаваат со имотни спорови.

Сепак се уште е мал бројот на граѓаните што навистина се одлучуваат да поведат тужби и се подготвени за неколкугодишни битки по судовите, пред се – поради големите трошоци. Ако не се сметаат издатоците што следуваат откога ќе почнат рочиштата, уште на самиот почеток, тужителите треба да издвојат минимум 20.000 денари за адвокати, такси, административни трошоци, тужби, вештачење, жалби и друго.

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ најчесто добива тужби за паднати гранки врз автомобили.  Според меѓународни стандарди, ако ветерот дува со 80 километри на час, и притоа предизвика уривање на дрво врз автомобил или човек, штетата паѓа на грбот на надлежната институција, а ако брзината е поголема, плаќа осигурителна компанија. Но, за такво нешто, потребно е при регистрација на возилата да се плаќа надоместок и за вакви случаи.

 Еден случај завршил во полза на граѓанин – кога жена паднала во отворена шахта во Градски парк. Иако капакот, бил украден од несовесни граѓани, сепак вината паднала врз претпријатието. Воедно пред неколку години на езерото Треска, туристка од странство била погодена во бут од заталкан куршум. Таа барала 20.000 евра за повредата, но случајот не завршил во нејзина корист.

И од Јавното претпријатие „Улици и патишта“, кое е задолжено за одржување на скопските улици се соочуваат со тужби.

Почесто пристигнуваат тужби за нанесени штети на улици што не се во надлежност на претпријатието, туку во општинска, па затоа се почесто тужбеното барање се одбиваат Мал е бројот на тужители што ги добиваат случаите, а секако дека постојат и такви што ги добиваат, ако штета е направена на улица за чие одржување е надлежно нашето претпријатие.

Еден случај кој датира од 2008 година е правосилна и е во корист на претпријатието. Граѓанин побарал надомест на штета од сторена сообраќајна несреќа предизвикана од неправилно поставен уличен контејнер.

 Во однос на нередовно подигање смет, неквалитетна услуга, појаснуваат, немаат тужби, само поплаки, кои ги добиваат во вид на претставки.

Скапите процеси ги одвраќаат луѓето

Граѓаните не се одлучуваат често за покренување тужби и барање отштета од Општина, Град или од претпријатие, пред се, поради скапите процеси. Адвокатите велат дека трошоците зависат од сумата што странката ја бара како обесштетување. На пример, ако побарува 100.000 денари, трошоците за тужба се два отсто, односно 2.000 денари. Ако се собере се на куп, за судски такси, административни трошоци, правна помош, тужба, поднесок, вештачење и друго, почетните трошоци што секој што тужи мора да ги плати се околу 20.000 денари. Потоа секое рочиште чини 4.680 денари. Трошоците на страната што победила во спорот ги намирува тој што загубил.