Полицијата  поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Скопје против скопјанецот Д.М. (35) поради сомнение дека извршил две кривични дела, едно „разбојништво“ и едно кривично дело „тешка кражба“, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 38.000 денари.

Како што информираат од МВР, првото кривично дело Д.М. го извршил на 1 јануари годинава околу 01:30 часот на улица „23 Октомври“, кога пред влез од зграда физички нападнал и ограбил девојка. Имено, откако дошол до наведената адреса и се уверил дека освен девојката нема никој друг во близина, најпрвин ѝ пришол одзади грб и со употреба на физичка сила ја турнал во влезот на зградата. Потоа почнал да ја удира со тупаници во пределот на главата, по што оштетената паднала на подот, но Д.М. продолжил да ја удира со тупаници и ѝ го земал ранецот кој оштетената го носела на грб. Во ранецот имало лични документи, еден мобилен телефон и еден пар слушалки.

Второто кривично дело го извршил само еден час подоцна, односно околу 02:15 на булеварот „АВНОЈ“. Пријавениот откако дошол до паркирано возило, најпрвин со штрафцигер го скршил стаклото од задната десна страна и од задното седиште успеал да одземе една машка јакна, по што го напуштил местото.

По преземените мерки и активности Д.М. бил приведен во полициската станица Аеродром. При извршениот службен разговор тој во целост ги појаснил начинот, времето и мотивот на извршување на кривичните дела.