Кривична пријава за шест лица вработени во УЈП - присвоиле 9 милиони денари

СВР Скопје-Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Е.Ј.Д (53), Д.Ѓ. (63), О.Н. (57), С.П. (57), М.Д.(58), сите од Скопје и Ј.К. (40) од Свети Николе, поради постоење на основи на сомнение дека како службени лица со раководна функција, вработени во Управа за јавни приходи-регионална дирекција Скопје, извршиле кривично дело - “злоупотреба на службената должност и овластување“ со што го оштетиле буџетот на РМ за износ од 8.442.509 денари.

Пријавените како раководни службени лица, вработени во Управата за јавни приходи-регионална дирекција Скопје ја злоупотребиле својата службена положба и овластување, на тој начин што иако знаеле дека даночното побарување за даночен долг во вкупен износ од 90.752.102 денари од даночниот должник “ИПП ЛЕПА ДООЕЛ“ Скопје по основ на Данок на добивка, Данок на додадена вредност и Персонален данок од доход и по други основи е доспеано врз основа на издадени решенија за задолжување, со искористување на својата службена положба овластување и со неизвршување на службената должност свесно го попречиле, пролонгирале и оневозможиле спроведувањето на постапката за присилна наплата на доспеаниот даночен долг од даночниот должник.

Сите пријавени, секоја во својата област на постапување, не превзеле активности за обезбедување на даночното побарување со воспоставување на залог, односно со запишување на заложно право во регистарот на заложни права со што на одговорното лице на даночниот должник “ИПП ЛЕПА ДООЕЛ“ Скопје, Л.О., му овозможиле временскиот период од околу три години да го искористи за пренесување на дел од своите побарувања во вкупен износ од 5.084.059 денари на фирмата “ЗБ ИПП ДООЕЛ“ Скопје. Оваа фирма, во која основач е нејзиниот сопруг , а управител е нејзината ќерка, со склучување на договори за цесии и компензации во кои правното лице “ЗД ИПП ДООЕЛ“ Скопје е во улога на цесионер, е искористена за пренесување на целокупните залихи, средства за работа и ситен инвентар во вкупна вредност од 3.358.450 денари со кои располагал даночниот должник “ИПП ЛЕПА ДООЕЛ“.

На тој начин, поради неизвршување на службената должност од страна на пријавените, даночниот должник останал без имот и средства од кои што во постапка за присилна наплата на даночниот долг би можело да биде наплатен доспеаниот даночен долг.