Критична маса#59: Низ град се слуша ѕвон, почитувај вело бонтон

Здружението "На точак", утре попладне ја организира 59-тата Критична маса под мотото "Низ град се слуша ѕвон, почитувај вело бонтон".

Возењето ќе стартува во 17:30 часот, од плоштадот "Македонија", а ќе се вози до паркот спроти студентскиот дом "Гоце Делчев". Според организаторите, со доаѓањето на пролетта и подобрување на условите за возење точак, се зголемува бројот на луѓето што користат велосипед. За да биде возењето побезбедно и попријатно за сите, треба да се почитува бонтон на велосипед. 

Во пресрет на утрешната Критична маса, објавени се и повеќе правила за безбедно возење велосипед како, на пример, стави си ѕвонче за да ѕвониш кога сакаш да бидеш чуен, стави си предно бело и задно црвено светло за да бидеш виден однапред и одназад од други велосипедисти, возачи и по некој пешак, стави си катадиоптри на тркалата за да им одблеснува на колите отстрана, стави си исправни сопирачки за да закочуваш навреме.

Организаторите, на духовит начин, потсетуваат на сето она што е битно додека се вози точак низ градот.

На пример: Кога нема велосипедска патека, вози од ДЕСНАТА страна на коловозот. Ако возиш во спротивна, возачите не те очекуваат, а можно е да се пресретнете со друг велосипедист кој си ја почитува пропишаната насока. И што да прави кога ќе се пресретнете, кој е фер да отиде накај реката возила? Се разбира, тој што ја утнал насоката. Имај трпение и за луѓето што чекаат автобус на велосипедска патека. Само заѕвони им, ќе се тргнат. Не е нивна вина што некој порано дизајнирал местата на двете групи да се поклопуваат. За трајно решение на проблемот, потсетувај ги локалните власти да си ја довршат работата.