Кратки совети како да си го олесните патувањето ова лето

Според истражувањата и статистиката, не само во Република Македонија, туку и на светско ниво, летото е најопасна сезона за возење.

Фактори (субјективни и објективни) што влијаат за зголемување на бројот на сообраќајни незгоди во летниот период има многу и тоа: зголемен обем и интензитет на сообраќај, високи температури, застој на патиштата и сообраќаен метеж, зголемен обем на градежни работи на патот, замор и исцрпеност на возачите, брзо возење, управување моторно возило под дејство на алкохол, техничка (не)исправност на возилото, како и многу други навидум мали, но многу важни нешта влијаат на безбедното одвивање на сообраќајот.

Со единствена цел, подобро да се подготвите за безбедно возење во лето, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со неколку кратки совети до возачите на кои мали, но важни работи, треба да внимаваат кога патуваат во лето:

Проверете ги гумите за да останете безбедни и да заштедите пари

Добро одржувани или нови гуми обезбедуваат заштита од несакани дефекти и од незгоди, подобро управување со возилото, подобра економичност на горивото и зголемен век на гумите. Задржувањето на притисокот на воздух во гумите секогаш треба да биде според препораките на производителот.

Внимавајте на товарот и на бројот на патници

Внимавајте многу на товарот и на бројот на патници во возилото. За секое возило постои прирачник и сообраќаен документ во кој точно пишува која е максималната тежина на возилото и на целиот товар и колкав е бројот на патници што возилото може безбедно да ги превезува.

Справете се со отсјајот и топлината во возилото.

Очилата за сонце нека бидат главниот додаток за безбедно возење, посебно во летните месеци кога отсјајот на сонцето во вертробранското стакло може буквално да го заслепи возачот и да ја намали безбедноста на патот. Употребувајте заштита од сонце под ветробранското стакло кога сте паркирани за да не се загрее внатрешноста на возилото.

Не заборавајте, никогаш не оставајте дете или домашно милениче во возилото.

Хидрирајте се.

Летното сонце може да ве дехидрира за време на долгите патувања. Секогаш пијте многу вода и секогаш патувајте со многу вода.

Внимателно со летните алергии и со лековите.

Многумина страдаат од некаков вид алергија. Најчесто алергиите влијаат врз секојдневниот живот на човекот, а секако и врз возењето. Алергиските симптоми како солзење и чешање на очите, кивање, исцрпеност итн, наметнуваат користење лекови за нивно намалување/елиминирање. Овие лекови најчесто ве прават поспани, а со самото тоа дефокусирани од случувањата на патот. Ако планирате да возите, разговарајте со вашиот лекар или фармацевт за да бидете сигурни дека лековите за алергија нема да влијаат на вашата будност или енергија. За превенција од несакани алергиски реакции чистете го автомобилот што е можно повеќе, редовно чистете ги и менувајте ги филтрите за воздух и размислете за користење пластични патосници што полесно се чистат и помалку задржуваат влага во возилото.

Бидете крајно претпазливи на летните бури.

Летните бури се непредвидливи, но доста интензивни и опасни за возачите без разлика на нивното возачко искуство. Патиштата стануваат многу лизгави во првите неколку минути од врнењето бидејќи дождот се меша со маслото и нечистотијата од патот. Видливоста е значително намалена, а интензивното врнење ги тера возачите да се напрегаат и со самото тоа побрзо да се заморат додека возат.

Делете го патот.

Секогаш треба да го делите патот со останатите учесници во сообраќајот. Внимавајте на велосипедистите и на мотоциклистите и имајте предвид дека коловозната лента им припаѓа ним, исто колку и вас.

Внимавајте кога поминувате низ градежни зони.

Бидете многу претпазливи, следете ги сообраќајните знаци и внимавајте на работниците. Прилагодете ја брзината и возете поспоро и прилагодете се на моменталните услови на коловозот секогаш кога возите во градежна зона на патот.