Крадците го чекаат овој момент: Совети за заштита од кражби во домовите во летниот период

Некои планираат каде, со кого и како да се избега од горештините, некои веќе и заминаа. Статистиките за тоа каде македонските граѓани ги потрошиле деновите за одмор, како и своите пари – ќе ги видиме некаде на почетокот на септември. А, полициските статистики за тоа колку станови, куќи и деловни простори се ограбени во текот на летниот период – ги слушаме секојдневно. Затоа што, како што стојат работите, во овие жештини ретко кој помислува на опасноста нивниот празен дом да биде посетен од неповикан и несакан гостин. Крадците, го чекаат својот момент!

Што тогаш им преостанува на граѓаните? Од една страна се превентивните совети што секое лето ги дава полицијата; од друга страна се конкретните понуди на агенциите за обезбедување на имоти и лица. 

Полициските статистики покажуваат дека процентот на провали и кражби е највисок во летните периоди бидејќи во овој период голем дел сопственици ги заштитуваат своите домови само со обично завртување на клучот. Во еден водич за заштита од провали на МВР се наведуваат неколку таканаречени “мамки” за провалниците, доколку успеат да влезат во домот. Тие совети и “мамки” се навистина полезни, но сепак се однесуваат на тоа кога крадецот веќе ви е дома! Согласно со полициските искуства, проблемот со кражбите во летниот период е тоа што тие секогаш со задоцнување се пријавуваат, се разбира, заради отсуството, период кој крадците го имаат како голема предност пред полицијата.

Најдобрата превентивна варијанта е крадците воопшто да не успеат да влезат во вашиот дом. Високософистицираните врати и брави се една од опциите. Вистинската одбрана од прв ред се алармните уреди, камерите за видео надзор и патролните служби на агенциите за обезбедување.