„Копање“ – премиера на Македонскиот народен театар

„Копање“ по текст и режија на Кристијан Винклер е нова премиера на Македонскиот народен театар, која премиерно ќе биде изведена вечер и утревечер на малата сцена. Играат актерите Гораст Цветковски, Ивица Димитријевиќ и Александар Ѓорѓиески.

Текстот е напишан пред седум години. Раскажува за двајца другари кои повторно се гледаат по 16 години, кога тој што живее во село ќе го покани оној што живее во град да дојде кај него за да ископаат бунар. Другарот од градот доведува другар. Копаат, разговараат, но и го премолчуваат заедничкото минато и причината поради која се раздвоиле. Перформансoт има силни визуелни елементи – видео, мини мјузикл, а копањето има и друга смисла – копање по внатрешните конфликти и поделеноста.

– Копаат по минатото, копаат по проблемот и стигнуваат до некаде. Тоа е пример за длабоката поделеност во цел свет – дали е по политика, по религија, меѓу пријатели, поделеноста е битната тема и цело време провејува во  претставата која има три дела. Таа е направена така за да и даде на публиката многу точки за гледање и за мислење и да може да најде асоцијации во многу нешта, рече Винклер на прес-конференција. Додаде дека претставата била и физички напорна, а подготовката траела пет недели.

Според директорот Дејан Пројковски, со оваа претстава МНТ својот репертоар ќе го надополни со нов сегмент – алтернативен, авангарден сценски израз.

– Ова е специфична претстава и интересен авторски ракопис на Винклер. Ова е фестивалска претстава која ќе го најде патот на голем број фестивали. Тоа ни беше и планот за нејзино создавање. Во јуни ќе биде на фестивал во Грац, а од есен следуваат гостувања на уште неколку европски сцени, рече Пројковски.

Гораст Цветковски додаде дека МНТ уште еднаш се покажал авангарден и го продолжува трендот да биде прв во многу работи затоа што, рече тој, во ниеден театар во Македонија во моментов нема ваква експериментална и мултимедијална претстава на репертоарот.

Ивица Димитријевиќ со режисерот и претходно работел на претстава во Хамбург, а оваа му ја предложил на Пројковски. – Тој го виде нејзиниот потенцијал и, еве, премиерата се случи, додаде Димитријевиќ.

Сценографијата ја изработи Андреа Коци од Италија кој бил инспириран од историски настани – копањето е претставено преку слика-мозаик за откриената Помпеја,  која долго била затрупана со лава по ерупција на вулканот од пред две илјади години, а симболиката на конфликтот и поделеноста е во сцени од спротивставените војски на персискиот крал Дариј Трети и Александар Македонски… Музиката ја компонираше Горан Трајковски, видео дизајнер е Стефано Коци, а во изработката на сцената учествувале и ученици од средното ликовно училиште.

Претставата досега била поставувана од други режисери и изведена во Виена, Берлин, Грац, Њујорк и во Индија, а овојпат  Кристијан Винклер првпат самиот го режира својот текст. Како режисер тој се потпишува со псевдонимот Франц фон Штролхен, под кој ја има поставено и „Фикшанал Стејт“.