Еден од омилените настани во рамки на ТАКСИРАТ, најдругарскиот и најпозитивниот ЛУЗЕР ФЕСТ според бројот на досега пристигнатите пријави за учество, годинава се покажа и како едно од најплодните изданија досега. Сред подготовките за интензивната програма на 18-тиотТАКСИРАТ, ова е особено радосна вест бидејќи станува збор за фестивалот посветен на младите музички сили во Македонија! Токму во нивна чест, ТАКСИРАТ најавува уште неколку добри вести за сите потенцијални учесници на ЛУЗЕР ФЕСТ.

ТАКСИРАТ со задоволството ја најавува дополнителната награда во пакетот кој го подготвува за победникот на Лузер Фест! Покрај снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) и објавување на својот студиски првенец под капата на „Пасворд Продакшн“, годинашниот победник на ЛУЗЕР ФЕСТ ќе има чест и да ја отвори главната вечер на ТАКСИРАТ 18, со настап на големата сцена во Метрополис Арена и рамо до рамо со легендарните македонски музички имиња! Имено, главната вечер годинава ќе се одржи на 9-ти декември и ќе биде одбележана со концертите на АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, САНАТОРИУМ, ФОЛТИНи ЧИСТА ОКОЛИНА.

ЛУЗЕР ФЕСТ годинава ќе се одржи на 26-ти ноември во Младински Културен Центар и тоа не случајно, како финале и затворање на годинашното издание на меѓународната ПИН музичка конференцијакоја ќе се одржува во МКЦ на 25-ти и 26-ти ноември. Благодарение на ПИН, Скопје за време на овие денови се претвора во збирно место на стотици музичките креативци од Европа, вклучувајќи музички промотери, продуценти, менаџери, новинари, здруженија, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, млади музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани. Ова е дополнителна прилика токму за учесниците на ЛУЗЕР ФЕСТ чии настапи ќе ги проследат и делегатите на ПИН конференцијата, но воедно тие ќе имаат можност и директно да бидат вклучени во најактуелните теми од музичката индустрија кои ќе ги опфатат панел-дискусиите на ПИН.

Тимот на ТАКСИРАТ е веќе интензивно ангажиран и со преслушувањето на големиот број на досега пристигнат музички материјал. На радост пак на сите оние кои побараа дополнителен период за подготовка на снимките, соопштуваме дека КОНКУРСОТ НА ЛУЗЕР ФЕСТ Е ПРОДОЛЖЕН за уште неколку дена, односно ДО 23-ти ОКТОМВРИ (недела) ДО ПОЛНОЌ.

За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите, најдоцна до 23 октомври 2016 (заклучно со недела), треба да бидат испратени на и-мејл адресата: info@password.mk & shurbe@password.mk