КОНКУРС ЗА МЛАДИ АВТОРИ: Хонорар и објава на нови дела од домашни писатели

Издавачката комисија на проектот ќе избере 40 дела од автори од сите етнички заедници, кои ќе бидат наградени со авторски хонорар и ќе бидат објавени во бесплатната дигитална библиотека на „Македоника“. Авторски хонорари и можност за дигитално објавување на нивните нови дела ќе добијат млади писатели од земјава и од регионот во рамките на проектот „Воведување на младите талентирани автори во дигиталната издавачка индустрија“, воден од фондацијата „Македоника“. Можност да учествуваат во проектот имаат сите автори од Македонија, регионот и од дијаспората, на возраст од 18 до 30 години.

„Во период од 12 месеци, се очекува многу млади и непознати автори првпат да ги објават своите дела. Од сите пристигнати текстови издавачката комисија на проектот ќе избере 40 дела од автори од сите етнички заедници, кои ќе бидат наградени со авторски хонорар и ќе бидат објавени во бесплатната дигитална библиотека на 'Македоника'. Делата ќе бидат објавени двојазично, на мајчиниот јазик на авторите и на македонски јазик“, велат од „Македоника“.

Во рамките на дигиталната библиотека ќе биде организиран и социјален форум каде што читателите ќе ги коментираат и оценуваат објавените текстови, а најдоброто дело на проектот ќе добие специјална награда.

Сите заинтересирани автори можат да добијат повеќе информации во просториите на фондацијата, како и на нивната интернет-страница. Бесплатната дигитална библиотека на фондацијата „Македоника“ (www.makedonika.mk) е единствена во републиката каде што на повеќе од 40.000 редовни читатели им се достапни 720 дела од најголемиот број македонски автори и лектири за учениците од основно и средно образование.