Конкурс за четворица македонски претставници за фестивалот Џифони Експириенс

Фестивалот за млади Џифони Македонија распиша конкурс за избор на четири македонски претставници кои ќе присуствуваат на фестивалот Џифони Експириенс што ќе се одржи во Италија.

Изборот на македонските претставници ќе се одржи на 22 април во 9.30 часот во Кинотеката на Македонија, каде ќе биде прикажан еден краток филм и ќе има дискусија околу темата на филмот.

Четворица од кандидатите кои најмногу ќе се истакнат со своите елоквентни дискусии ќе патуваат во Италија од 13 до 23 јули, а ќе бидат избрани и учесници за други меѓународни фестивали за млади и ќе се доделат и други Џифони награди.

За време на четвртото издание на фестивалот Џифони Македонија беа избрани четири претставници од Македонија, а еден претставник кој посебно се истакна на минатогодишното издание на Џифони Експириенс е поканет годинава повторно да учествува во специјалното жири на фестивалот.

На фестивалот Џифони Експириенс годинава девет претставници од Македонија ќе имаат можност да се дружат со младите од над 50 земји од светот, да гледаат најнови филмови и да се запознаат многу филмски ѕвезди.

Фестивалот за млади Џифони Македонија пет години работи на промоцијата на филмската култура кај младите генерации со поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија и Фестивалот за млади Џифони Експириенс од Италија.