Коневски: Не сакам да верувам дека ќе се градат кампови за бегалци во Аеродром, но доколку Владата има намера да направи такво нешто ќе се борам со сите сили против тоа

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, денеска во изјава за НОВА ТВ рече дека не верува дека во општината ќе се градат кампови за мигранти. Тој вели дека сите информации на оваа тема која стигнале до него се шпекулации и засега немаат добиено никакво официјално барање.

„Јас не би знаел дали владата има или нема намера да гради кампови. Јас не верувам дека сега ќе се изгради такво нешто, а што понатаму ќе се прави со таа стратегија, тоа најдобро го знае Владата. Не сакам да навлегувам во стратегиите на владата на РМ, ниту на сегашната ниту на минатата. Ние сме локална самоуправа која остварува проекти за доброто на граѓаните. Ние како локална самоуправа и јас како градоначалник сме тука, за во случај да дојде до такво нешто, да се обидеме да го спречиме. Немам добиено барање за да отстапиме земјиште. Ние имаме само информација дека тука ќе се градат кампови за мигранти, но немаме ништо официјално. Тоа што имаме се базира на шпекулации“, рече Коневски.

Пред Трговскиот центар Бисер во оваа општина, граѓанската иницијатива „Будење“ вчера собираше потписи против наводната изградба на мигрантски кампови. На нашето прашање дали Марија Николовска, која даваше изјави за медиумите е вработена или на некој начин ангажирана во општината Коневски одговори дека не е.

Тој рече дека девојката која вчера даваше изјави за медиумите како организатор на собирањето потписи против мигрантски кампови не е вработена во општината, а ако има некој што ширел ксенофобија или пак говор на омраза, а е на некој начин поврзан со општинските надлежности, тоа ќе мора дополнително да се испита.

Според неофицијални информации на НОВА ТВ Николовска, е вработена како учителка во Основното училиште Љубен Лапе. Го прашавме Коневски, дали смета дека е етички, учителка која образова мали деца да шири ксенофобија, градоначалникот ни рече додека не види докази дека такво нешто се случило, не сака да навлегува и да коментира околу конкретната ситуација.