Концерт на германскиот ансамбл „Хоризонте“

Ансамблот „Хоризонте“ од Германија вечер и утре во Музејот на град Скопје ќе одржи концерти во рамки на 40-ти Денови на македонската музика.

Ансамблот го сочинуваат Данте Монтоја – флејта, Мерве Казокоглу – кларинет, Хелене Шиц – харфа, Марајке Норман – виолина, Марија Пахе – виола, Хауке Сивертсен – виолончело, Јорг-Петер Митман – водач и обоа.

На програмата се дела од композиторите Томислав Зографски, Драгослав Ортаков, Томе Манчев, Панде Шахов, Михаило Трандафиловски, Вулнет Таири, а прв пат во Македонија ќе бидат изведени и композииции на Петер Ган, Ѓакинто Шелси, Салваторе Скјарино, Жан-Лук Дарбелај, Жером Комбие, Малика Кишино, како и од водачот на ансамблот, композиторот и обоист Јорг-Петер Митман.

На концертот утре гости ќе бидат македонските уметници Марјан Милошески на фагот, Кристина Светиева на пијано и Драганчо Младеноски на труба.

Ансамблот „Хоризонте“ од своето формирање во 1990 година, делува во различни формации и е посветен пред се на современата музика. Соработува со реномирани музичари, уметници, и композитори, на театарски и проекти со други организатори во Германија и странство. Составот делува во центарот „Klangwerkstatt Detmold” каде од 2007 година одржува концертни циклуси. Еден од основачите и негов уметнички директор е реномираниот композитор Јорг-Петер Митман, добитник на бројни награди. Митман освен композиција студира и теорија, филозофија и историја и е автор на повеќе трудови од областа на субјективноста, естетиката како и анализата на говорот.

Гостувањето на ансамблот „Хоризонте“ во Македонија е финансиски поддржано од Гете институтот и Здружението за македонско-германско пријателство и соработка од Скопје.

Влезот за двата концерта е слободен.