Концепт Мегалополис: 145.000 административци од Скопје да одат на работа во 10 други општини

Префрлање на 145 илјади административци во 10 градови ширум земјата за да се развјат и другите региони. Концептот „Македонија Мегалополис“ на професорот Марјан Бојаџиев има за цел да понуди опција за развој и надвор од Скопје.Според него, на тој начин ќе се зголеми Бруто домашниот производ и ќе се намали иселувањето од државата.

- Со тоа би се намалило иселувањето. Замислете го Кочани со 15.000 административци. Ќе биде регионален центар за Берово, Пехчево, Делчево и Виница и луѓето нема  да имаат потреба да се иселуваат ако постојат магистрални патишта. Тие ќе можат да живеат во своето место, а да работат во Кочани. Тоа ќе го спречи иселувањето кое е фрапантно, рече Бојаџиев.

Академик Таки Фити не се сложува со концептот. Според него, тој е неизводлив поради тоа што околу 30 општини во државава се нефункционилани.

-Видете колку општини имаме ние. Дали е оптимална нашата територијална поделба? Па, ние сигурно имаме 30 општини кои воопшто немаат фискален капацитет за да бидат општини. Што ќе чекаме овде? Како ќе се развиваме?, рече Фити.

За развој на „Македонија Мегалополис“ клучен фактор е патната инфраструктура со што би се поврзале регионите.

-Секаде во Македонија се гради. Автопатот Миладиновци-Штип е скоро готов и очекуваме да биде пуштен во употреба. Проблемите на автопатот Кичево-Охрид се надминати, рече Сугарески.

Иселувањето се уште претставува горлив проблем. Иако нема официјални бројки, проценките се дека во последните години околу 550 илјади граѓани се иселиле од државата.