Комуналците немаат дозвола да собираат ѓубре за време на полициски час

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ѓубрето од контејнерите низ Скопје ќе го собираат до 16 часот. Претпријатието нема дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација да работи за време на полицискиот час, кога улиците се празни и многу поефикасно ќе ја завршат работата.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани вели дека сега работат со лимитирано време,  што им создава одредени потешкотии бидејќи е потребно повеќе време да се собере и депонира отпадот со едно возило, па пак да се врати на друга локација.  Во Скопје има 6.000 контејнери од кои секојдневно се собира ѓубрето.

„Ќе работиме колку што е дозволено. Препораките беа да не работиме за време на полицискиот час и со тоа сега работиме со лимитирано време. Сега е многу потешко да организираме цела механизација да излезе од база и да се врати до 16 часот. Поради лимитираното време, одлучивме ѓубрето од индивидуалните домаќинства наместо два пати да се подигнува еднаш неделно. Ги молиме граѓаните за разбирање во овој период“, рече директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани. (повеќе на sdk.mk)